Home » A1 WayUp успешни приказни

A1 WayUp успешни приказни

A1 WayUp како уникатна практикантска програма го следи целосниот развој на практикантите и во себе содржи детален едукативен и менторски план. Горди сме на фактот што оваа година на програмата ни се приклучија 15 млади таленти и започнаа да го градат својот кариерен пат во А1 Македонија. Сметаме дека нивната мотивираност, одлучност и посветеност не треба да останат незабележани и затоа решивме да ги споделиме овие позитивни искуства. Во понатамошниот текст можете да ги прочитате успешните приказни на Петар Крстевски, Стефанија Блажевска, Садра Селами, Кристина Кралева, Димитар Угров и Бобан Тасевски.

Петар Крстевски

Како дозна за А1 WayUp?

За А1 WayUp програмата дознав преку LinkedIn реклама, ја разгледав содржината на програмата и позициите, и аплицирав на она место кое беше најсоодветно за моите предзнаења кон кои сакав да додадам повеќе искуство и вештина.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

На почеток се чувстував несигурен, очекував дека ќе ми треба подолг период за да се адаптирам и вклопам, со оглед на тоа дека се работи за голема компанија, но, благодарение на целокупниот пристап на компанијата, моите очекувања се надминати. Можам да кажам дека сум дел од една прекрасна компанија, пред се имам прекрасни колеги со кои работиме и го поминуваме поголемиот дел од денот. Колегите од мојот сектор секогаш ме мотивираат и ми помагаат во мојот напредок. Мојот ментор, Симон Бојаџиевски, секогаш ми излегува во пресрет за секоја задача и несебично го споделува своето знаење и искуство со мене.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Благодарение на колегите од мојот сектор кои имаат огромно знаење и работно искуство, но и на самата компанија која придонесува кон нашиот развој и вложува во нас, јас не само што ги стекнувам потребните знаења и вештини, туку истите и ги применувам на реални проекти и задачи кои многу ми помагаат во развивање на мојата понатамошна кариера.

Стефанија Блажевска

Како дозна за А1 WayUp?

Моја блиска пријателка беше дел од програмата минатата година и ми ги пренесе своите позитивни впечатоци. Кога видов дека има отворена позиција која е соодветна на моите предиспозиции оваа година, решив да се пријавам и јас.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

Начинот на кој е организирана оваа програма го прави процесот на моето интегрирање во компанијата многу едноставен за мене. Од тимот сум презадоволна бидејќи бев одлично прифатена и добив огромна поддршка. Ова е мое прво работно искуство и таа поддршка ми беше од големо значење. Пријателскиот однос на менторот и несебичното споделување на знаење се од огромна помош во секојдневното работење.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Со оглед на тоа што ова е самиот почеток на мојата кариера, секое стекнато знаење и вештина придонесува кон мојот напредок. Многу сум среќна што го одбрав токму А1 и A1 Way Up програмата како почетна точка на овој пат бидејќи за краток период стекнав знаења и вештини кои секојдневно ги применувам и за чие совладување во спротивно, сметам дека ќе ми требаше многу подолг период.

Садра Селами

Како дозна за А1 WayUp?

Во денешниот свет, преку користење на мрежи сме поврзани како никогаш досега. Различни настани и откритија се шират преку светот за неколку секунди, така што за WayUp програмата дознав преку LinkedIn платформата.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

Првите впечатоци се тие што остануват постојано на ум и секако дека се позитивни. Областа и професијата што ги имам избрано се токму тоа што сакам да го работам веќе подолг период и мило ми е што токму А1 Македонија ми овозможи да работам и да се надоградувам во областа која ја сакам. Секако дека успехот во тоа е остварлив само со посветеност, мотивација, фокус и дициплина.

Менторот е тој што ми обезбедува објективна гледна точка и ми помага да ги видам работите од поинаква перспектива, ме поддржува и ми обезбедува простор за идеи, мисли и грижи. Најважното е дека ако ние не сме подготвени да научиме и сами никој не може да ни помогне, а исто така ако сме решени да учиме никој не може да не спречи.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Секако дека секој ден поминува со учење на нови работи и можам да кажам дека компјутерските мрежи се како океани на кои им нема крај, но учењето комбинирано со пракса е најдобриот метод кој не води кон подобри резултати бидејки се зголемува нашето разбирање за многу концепти, веќе се создава претстава за тоа што се работи и каде треба да ги имплементираш своите знаења.

Кристина Кралева

Како дозна за А1 WayUp?

За A1 WayUp практикантската програма дознав преку Инстаграм профилот на А1 Македонија. Преку А1 WayUp програмата стекнав и се уште стекнувам знаење и тоа го постигнувам во убава и пријатна атмосфера и енергија.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

Добив шанса да работам во динамична средина исполнета со креативни работни задачи во кои брзо се вклопив и опкружена сум со луѓе кои имаат долгогодишно искуство во технологиите од кои јас сега имам можност и привилегија да учам. Особено ми е мило што сега можам да ги наречам овие експерти мои колеги и ментори. Умереноста, професионалноста и етичкиот пристап во комуникацијата и пренесување на знаењето се дел од приоритетите на компанијата, а исто така, во А1 учењето и континуираниот развој никогаш не запира.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Уште од првиот ден ги стекнав истите бенефити и погодности како и секој еден вработен на А1. Благодарна сум на секој член од тимот, нивните совети и темелни предавања за се што досега научив и допрва ќе научам.

Димитар Угров

Како дозна за А1 WayUp?

Преку оглас на LinkedIn, дури две отворени позиции се преклопуваа со моето предзнаење, едукација и преференци за работа, па аплицирав за двете позиции. Во секој случај, мило ми е што од која било позиција станав дел од А1 тимот.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

Динамиката на компанијата е во согласност со нејзиниот обем и на работа, но и на колеги. Одделот во кој работам е ефикасен, а моите работни задачи се целосно во склоп со она што ми беше објаснето пред да започнам. Според мене, се снаоѓам солидно и со колегите, и со работата, а најмногу со мојот ментор. За него имам само пофални зборови. Ми помага со сите секојдневни задачи и дополнително ме охрабрува да се осамостојувам и полека да ги извршувам истите сам. Исто така ме запозна со нови техники и принципи и многу материјали за учење.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Дефинитивно се стекнувам со потребните знаења но сметам дека имам уште многу за учење и за усовршување. Сепак не е тоа причина за мое демотивирање, учам многу нови работи и мислам дека ќе бидат и во моја корист и во корист на компанијата.

Бобан Тасевски

Како дозна за А1 WayUp?

За A1 WayUp дознав сосема случајно на сајтот на Vrabotuvanje.mk и веднаш знаев дека тоа е многу добра шанса за да го започнам моето „лансирање“ кон почетокот на мојата кариера.

Какви се твоите впечатоци за компанијата, одделот во кој работиш и, секако, твојот ментор?

Бев скептичен на почеток, мислев дека ќе ми треба многу време за да се вклопам и дека ќе бидам тотално изгубен во оваа голема компанија. Сметајки на тоа дека ова ми e прво, најблизу до работно искуство, можам да кажам дека моите очекувања се повеќе од достигнати. Прекрасна компанија, пред се прекрасни колеги со кои го делам поголемиот дел од секојдневието. Колегите од одделот се повеќе од мотивациски настроени и секогаш спремни за соработка. За мојот ментор Милош Ѓуровски можам само да кажам дека апсолутно ми излегува во пресрет за секоја задача, проблем, решение. Секогаш ми дава целосна поддршка и ме стимулира секој ден се повеќе да напредувам и самостојно да работам.

Дали сметаш дека ги стекнуваш потребните знаења и вештини кои ќе те подготват и ќе придонесат кон твојата понатамошна кариера?

Сметам дека за овие 3 месеци научив и повеќе од очекуваното. Точно дека се уште сме на самиот старт, но верувам дека со вакво темпо на работа и напредување, кариерите, не само на мене туку и на сите мои колеги од A1 WayUp може само да бидат во подем.

#Makeithappen!

Придружи се на А1 тимот.

Пребарај позиции